Полицијата исклучила од сообраќај околу 200 технички неисправни возила што вршеле јавен превоз во охридско-струшкиот регион

Околу 200 технички неисправни возила биле затекнати при вршење јавен превоз на патници во охридско-струшкиот регион, при акциски контроли на полицијата од почетокот на годината досега.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски информира дека се работи за 11 автобуси, а останатите биле комбиња и автомобили, кои превезувале патници.

– Најчесто возилата биле со неисправни сопирачки и веднаш се исклучени од сообраќај, а против сопствениците се поднесени соодветни пријави. Исправноста на возилата за јавен превоз е клучна за безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди во кои згаснуваат голем број човечки животи, изјави Димоски.

Упати апел до сите учесници во сообраќајот, посебно до возачите на патнички моторни возила и тие кои вршат јавен превоз, строго да се придржуваат до одредбите за безбедност во патниот сообраќај.

Покрај неисправноста на возилата, додаде дека голем број возачи не ја почитуваат дозволената брзина или управуваат под дејство на алкохол.

На поддрачјето на ОВР Струга од почетокот на годината се случиле 122 сообраќајни незгоди, во кои три лица го загубиле животот.

24.11.2021 - 13:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа