Влатко Соколов, татко на Стефанија која загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во Отвореното Студио на 4ТВ.мк го опиша кобниот момент кога ја видел и својата ќерка меѓу жртвите, кобниот 16. март.
-Колегите правеа кордон и количката не можеше да влезе. Пет минути подоцна сепак влезе до нас, но мене ништо не ми беше јасно, се чувствував како да не сум присутен. Кога ги отворив двете врати, тоа што видов беше хорор филм. Сите сме гледале хорор филмови, но ова не беше филм – ова беше нешто што нема да го заборавам цел живот. Млади деца, момчиња и девојки, сè изчадено, некои со пена од устата. Тешка смрт имаа тие деца. Волонтерите и колегите се ангажираа максимално, сите дадоа се од себе, вели тој.
-Знаев што носеше мојата ќерка, гледав лево-десно да ја најдам неа. Гледав насекаде, ми остана да видам само уште едно ќоше. Само што поминав два-три чекори, ја видов нејзината кондура, видов нема пулс, нема ништо, рече тој за 4ТВ.мк.
Истрчал надвор, а полицајците тргнале по него, од страв да не направи нешто со оружјето. Вели дека застанал пред една кола, и тогаш му се јавила сопругата, на која морал да и каже за загубата. Не можел да поверува што треба да изусти, дека ќерка му ја нема.
На 16 март 2025 година, во трагичниот пожар што избувна во дискотеката „Пулс“, животот го загубија 63 лица, меѓу кои имаше и деца, додека повеќе од 200 луѓе беа повредени. Непосредно по несреќата беше одржана итна седница на Советот на Општина Кочани, по што беше прогласена седумдневна жалост – најпрво на локално, а потоа и на државно ниво. Иако првичните информации говореа за 59 загинати и над 150 повредени, по завршувањето на лекувањето на повредените и во рамки на обвинителните постапки, конечниот биланс изнесуваше 63 жртви и повеќе од 200 повредени.
Истрагата покажа дека ноќниот клуб со години функционирал незаконски, без исполнување на основните технички и безбедносни услови, без соодветни дозволи и без почитување на противпожарните стандарди. Во објектот биле вршени реконструкции без стручен надзор, биле употребувани лесно запаливи материјали, а просторот не ги задоволувал ниту основните безбедносни критериуми.
Кобната вечер биле активирани три пиротехнички средства во исто време, насочени кон плафонот обложен со полиуретански сунѓер. Пожарот се проширил за само неколку секунди, а густ чад и паника ги затекнале посетителите во клубот кој имал само еден, недоволно соодветен излез. Поголемиот дел од жртвите загинале обидувајќи се да стигнат до вратата, која не претставувала стандардно евакуациско решение.


