Млад полицаец од Австрија е пред судија затоа што учествувал во WhatsApp група која ги открива позициите на радарите.
Од почетокот на 2023 година до крајот на 2024 година, возачите во округот Фехлабрик во Австрија имале необично моќен извор на информации: WhatsApp група со повеќе од 1.000 членови, во која секојдневно се споделувале локациите и времето на сообраќајните проверки. Како овие информации завршиле во групата ќе биде разјаснето на судењето закажано за вторник пред Покраинскиот суд во Велс, објавува Kronen Zeitung.
27-годишен полицаец ќе се појави на суд обвинет за злоупотреба на службена должност и прекршување на обврската за доверливост. Според истрагата, тој ги дал податоците за проверките, кои ги добивал за време на неговата редовна работа.
Портпаролот на судот, Андреас Румплмаер, рече дека обвинетиот немал претходни осуди и немал корист од своите постапки. Полицаецот, како што беше објавено, веднаш ги признал злосторствата и тврдел дека „немал намера да направи ништо погрешно“.
Во обвинението се наведува дека во период од 62 дена, полицаецот испратил вкупно 111 пораки до WhatsApp група, како и три фотографии од местото на сообраќајната несреќа. Според обвинителството, тој со тоа ја прекршил својата законска обврска за чување службена тајна и ги загрозил интересите што државата ги смета за доверливи.
Случајот е откриен откако е поднесена анонимна пријава до Федералната канцеларија за спречување и борба против корупцијата (BAK). Доколку биде осуден, младиот полицаец се соочува со затворска казна од шест месеци до пет години.

