Погубен маж во Јапонија кој убил седум луѓе

 

Во Јапонија денеска беше погубен маж, кој во 2008 година убиl седум луѓе во преполниот трговски кварт во Токио.

Министерот за правда Јошихиса Фурукава изјави за новинарите дека Томохиро Като (39) бил обесен во притворен центар во Токио, пренесе АП.

Фурукава рече дека смртната казна е оправдан одговор на грозоморно и насилно злосторство и дека укинувањето на најстрогата казна не е соодветно во овој момент. Тој рече дека Като темелно се подготвил да изврши масовно убиство, што според него е грозоморен чин кој довел до исклучително сериозни последици, што имало големо влијание врз општеството.

Во јуни 2008 година, Като возеше со својот камион по улица во трговскиот дел во Акихабара, удирајќи во толпа луѓе и уби тројца пешаци, а потоа излезе од возилото и избоде четири лица до смрт и повреди 10 други.

На снимките од надзорните камери подоцна објавени од националниот радиодифузер NHK, тој се гледа како купува ножеви два дена пред нападот, се смее со работник во продавница и повремено прави прободувачки гестови со рацете.

Медиумите објавија дека тој објавил неколку пораки на интернет поради очај и предупредувања дека планира да убие луѓе во масовен напад.

Окружниот суд во Токио го осуди Като на смрт во 2011 година, а Врховниот суд ја одби неговата жалба во 2015 година.

Јапонија во моментов има 107 лица осудени на смрт, од кои 61 бараат повторно судење, рече министерот за правда.

Јапонија ја задржа смртната казна и покрај зголемените меѓународни критики, а истражувањето на јапонската влада покажа дека огромно мнозинство од јавноста ги поддржува егзекуциите.

Во Јапонија егзекуциите се вршат во строга тајност, каде што затворениците не се информирани за нивната судбина до утрото кога ќе бидат обесени, наведува американската агенција.

26.07.2022 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега