Утрово на Попова Шапка се измерени четири степени под нулата, а снежната покривка достигнува 60 сантиметри, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Крушево е забележан еден сантиметар снег, додека температура под нулата е регистрирана и во Лазарополе и Маврови Анови.
Најтопло утрово е во Штип, Велес, Скопје-Петровец, Струмица, Кавадарци и Гевгелија, со измерени осум степени Целзиусови.
Според прогнозата на синоптичарите, денеска ќе преовладува променливо облачно време. Во западните делови се очекуваат повремени слаби врнежи од дожд, а на планините и повисоките места од снег. Ќе дува умерен, а на моменти засилен ветер од североисточен правец. Максималната температура ќе се движи од 8 до 15 степени.
Во Скопје, пак, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Ветерот ќе биде слаб до умерен од североисток, а дневната температура ќе достигне до 13 степени.


