Легендарниот американски џез музичар Сони Ролинс, кој важи за еден од највлијателните саксофонисти во историјата на оваа музика, почина на 95-годишна возраст.
Ролинс почина во својот дом во Вудсток, Њујорк, соопшти неговиот портпарол, кој притоа го нарече „една од најпочитуваните и највлијателни личности во американската музика“. Официјалната причина за смртта во соопштението не е објавена.
Неговата плодна кариера траеше повеќе од шест децении. Ролинс ја започна кариерата кон крајот на 1940-тите години, соработувајќи со најголемите џез имиња како Мајлс Дејвис, Чарли Паркер и Џон Колтрејн, а како лидер на бенд зад себе остави повеќе од 60 албуми.
Поради неговата виртуозност и ненадминати импровизациски вештини, тој во јавноста беше наречен „саксофонски колос“. Токму неговиот истоимен албум од 1956 година, „Саксофонски колос“, денес се смета за еден од најважните џез албуми на сите времиња.
Дел од неговата животна легенда стана и познатиот мост Вилијамсбург во Њујорк. На почетокот на 1960-тите, Ролинс со часови вежбал секој ден на овој мост, што го инспирирало да го сними познатиот албум од 1962 година „Мостот“. Со години во САД постојат и активни иницијативи овој мост да биде именуван по него.
Музичарот беше препознатлив по своите долги импровизации и спонтаноста на сцената. „Ќе излегував на сцената со празен ум. Понекогаш се изненадував себеси со она што излегуваше од мене“, рекол тој во интервју за PBS.
Ролинс се заљубил во музиката уште како дете. Во едно од неговите последни интервјуа за списанието Jazz Times, тој се присетил на своите почетоци: „Мајка ми ми го даде мојот прв саксофон кога имав седум години. Влегов во собата и почнав да свирам – и тоа беше тоа“.
За време на својата богата кариера Ролинс освои две Греми награди. Поради сериозни респираторни проблеми, тој донесе одлука дефинитивно да престане со своите јавни настапи во 2014 година.


