По смртта на мажот позитивен на коронавирусот, бројот на лица во изолација во Кавадарци се зголеми

Бројот на лица во самоизолација во Кавадарци од 12 се зголеми на 23, откако пред пет дена во изнајмен дел од куќа беше пронајден мртов 44-годишен маж, за кој постхумно направениот тест покажа дека бил позитивен на корона вирус, пренесува „Фокус“.

Полициски службеници кои биле на увид на местото каде почина мажот (по потекло од Албанија, вработен како градежник во Штип), обвинител и здравствени работници од ЈЗУ Кавадарци, поради случајот се наоѓаат во домашна изолација.

Исто така, поради присуството на увидот по службена должност на јавниот обвинител, мерки на самоизолација се препорачани на сите вработени во Основното јавно обвинителство во Кавадарци.

Според последните информации, роднини на починатиот од Албанија пристигнале во Кавадарци. Неговото тело било сместено во градската капела, и се чекало на средување на потребната документација, со цел да можат безбедно да го транспортираат телото во Албанија, каде градежникот ќе биде погребан.

Извршена е дезинфекција во куќата каде тој живеел под наем, во просториите на полициската станица, како и во просториите на обвинителството. Обвинителството до понеделник нема да работи. Се барале и останатите лица со кои починатиот бил во контакт.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.04.2020 - 12:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега