Големиот пожар кој вчера повеќе од 13 часа беснееше во реонот на Клепа, кај селата Долно и Горно Чичево во Општина Градско, доцна синоќа е целосно изгаснат.
Пожарот бил ставен под целосна контрола околу 22:20 часот од страна на екипите на Територијалната противпожарна единица Велес, со помош од нивните колеги од ТППЕ Кавадарци и Неготино.
Во гаснењето учествувале и пет доброволци од Доброволното противпожарно друштво од Неготино, ангажирани од Дирекцијата за заштита и спасување, четири огнени тимови со возила „Пинцгауер“, три „Ер трактори“ и хеликоптер на МВР.
Благодарение на брзата и координирана интервенција, огнот не се проширил до куќите во двете села. Од пожарот биле заштитени и овоштарниците и лозовите насади во атарот на Долно и Горно Чичево.
Пожарот избувнал вчера околу 9 часот кај Долно Чичево, по што брзо се проширил кон Горно Чичево и околните ридови. Огнената линија достигнала должина од околу 10 километри.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, оцени дека командирот на ТППЕ Велес, Димче Јованов, одиграл клучна улога во справувањето со пожарот, нарекувајќи го „вистински херој“.
Јованов информираше дека условите за гаснење биле исклучително тешки, но со заеднички ангажман на пожарникарите, доброволците, ДЗС и МВР пожарот бил целосно ликвидиран. Последните жаришта биле изгаснати околу 22:20 часот, по што екипите извршиле увид на опожарениот терен.
За денеска е најавена и дополнителна контрола на теренот од страна на екипа на ТППЕ Велес, со цел да се провери дали има повторно активирање на пожарот.


