По политичарите и германските стопанственици со поддршка за Македонија: Повикаа на отпочнување на преговори

Претставници на германската економија денеска побараа почеток на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија. Во спротивно, стравуваат од популистички курс на Балканот, пренесува „Дојче Веле“.

По политичарите и германските стопанственици излегоа со поддршка на процесот на проширување на ЕУ и повикуваат на почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. Во германскиот бизнис сектор стравуваат дека новото одложување на одлуката ќе го наруши проевропскиот курс на државите од Западниот Балкан.

Првиот човек на источниот комитет на германското стопанство, Михаел Хармс во интервју за Ројтерс предупредува од тешки последици доколку одлуката повторно биде одложена.
„Колку подолго се одложува тоа, толку поразорачани ќе бидат граѓаните од ЕУ“, вели Хармс.

Министрите на ЕУ вчера, по третпат едноподруго, не успеаја да постигнат согласност за отворање на пристапните преговори со Скопје и Тирана. Одлуката за  Македонија ја блокираше Франција која бара реформи на преговарачкиот процес и изразува незадоволство од досега спроведените реформи во земјата.

„Ние стравуваме и од популистички и други движења во овие земји“, додава Хармс. Доколку ЕУ не го исполни ветувањето за перспективата на овие земји, на владите во земјите од Западниот Балкан ќе им станува се потешко да го држат населението на еден јасен проевропски курс.
Конечната одлука за преговорите со двете земји ќе биде донесена на самитот на лидерите на ЕУ кој започнува утре (17.10.).

Германската канцеларка Ангела Меркел која, како и мнозинството членки на ЕУ, поддржува почеток на преговорите, на оваа тема денеска ќе разговара со францускиот претседател Емануел Макрон во Тулуз за време на меѓувладината конференција.

Хармс потенцира дека во случајот се работи само за почеток на преговорите, а членството ќе се случи дури откако двете земји ќе ги исполнат сите критериуми.

„Економски, овие земји се многу интересни за нас“, вели тој.

Германските фирми веќе многу инвестираа во Северна Македонија, а земјата се развива политички и економски, наведува Ројтерс.

„Тоа мора политички да се награди“, вели Хармс.

 

 
 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.10.2019 - 15:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега