По компликации од коронавирус почина свештеникот Димитар Илиевски: „Беше здрав млад човек, а ниту респираторот не му помогна“
По компликации од коронавирус, почина слепченскиот парохиски свештеник Димитар Илиевски.
Свештеникот имал 38 години и беше дел од Пелагониска Православна Епархија.
Митрополит Петар за „Фокус“ вели дека во епархијата има уште еден позитивен свештеник, а двајца ѓакони кои имале близок контакт со позитивно лице биле во изолација.
-Јас не ни знаев дека нашиот свештеник е позитивен на Ковид-19. Првин бил на домашно лекување, дознав дека е инфициран дента кога поради влошена состојба го однеле во болница. Му била дадена кислородна поддршка, потоа од информациите со кои располагам, бил ставен и на респиратор, но ништо не помогнало. Свештеникот беше млад човек, немаше претходни здравствени проблеми – вели митрополитот.
Додава дека погребот ќе се одвива според законските регулативи во вакви случаи и од епархијата ќе ги почитуваат сите препораки кои ќе бидат дадени.
Митрополитот Петар вели дека на свештениците и ѓаконите јасно им е посочено доколку имаат било какви симптоми, да не се кријат, веднаш да ги информираат останатите во епархијата и да се изолираат и побараат лекарска помош, со цел да не го загрозуваат јавното здравје.
-Во епархијата имаме 60 свештеници, десеттина ѓакони и 15 свештеници кои се во пензија или пак се во администрација. Мораме да се заштитиме и ние и верниците, ако некој не се чувствува добро, ако има било какви симптоми, мора да се изолира. Свештеникот Димитар Илиевски беше дел од епархијата околу десет години, ова е голема загуба за нас – изјави митрополитот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа