По хаосот за СЈО - Опозицијата испратила материјали но разликите остануваат

Работната група на ВМРО-ДПМНЕ викендот до Министерството за правда повторно испратила материјали за Предлог законот за јавното обвинителство, но клучните разлики и натаму остануваат.

-Викендот од ВМРО-ДПМНЕ испратија повторно материјали, но клучните разлики остануваат. Материјалите не беа во согласност со европските препораки за отворање на преговорите. Разговорите ќе продолжат, велат за МИА од Министерството за правда.

Работните групи на власта и опозицијата досега одржаа неколку средби за законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на Специјалното јавно обвинителство.

Главните разлики се идниот статус и функционирање на СЈО, судбината на постапките кои веќе се почнати и употребата на доказите. 

За усвојување на законот за јавно обвинителство неопходно е двотретинско мнозинство и тој е еден од условите за добивање датум за отворање на преговори со Европската Унија.

Претходно настана хаос околу амандманите.

Мицкоски тврдеше дека се пратени, а Заев и Правда дека не стигнале на време.

Од Министерството за правда потврдија дека вечерта по завршувањето на тв дуелот меѓу Заев и Мицкоски, до нив пристигнале амандманите за законот за јавно обвинителство на ВМРО-ДПМНЕ.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека ги пратиле за време на работното време.

-  ВМРО-ДПМНЕ ги поднесе предлог  амандманите во насока на подобрување на предлог законот кој е клучен за правосудните органи во Република Македонија.ВМРО-ДПМНЕ смета дека на македонското правосудство им се потребни вистински реформи кои ќе бидат во согласност со меѓународното право, праксата на меѓународните судови и конвенциите заштита на човековите права, а не фингирани реформи за кои што се бори криминалниот картел на СДСМ, Заев и Десковска, велат од партијата.

Од друга страна, СДСМ тврдат дека не стигнале тогаш туку по дуелот Заев-Мицкоски.

- Во директен пренос Мицкоски лажеше дека поднеле амандмани во хартиена форма Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се фатени во нова лага. На вчерашниот тв дуел, Мицкоски во директен телевизиски пренос лажеше пред граѓаните дека неговата ВМРО-ДПМНЕ поднела амандмани за Законот за јавно обвинителство. Мицкоски лажеше дека ВМРО-ДПМНЕ до Министерството за правда во хартиена форма поднела амандмани за Законот. Потоа, ВМРО-ДПМНЕ лажеше дека поднеле амандмани преку меил во 16:19. Што се однесува до амандманите поднесени електронски преку меил, истите стигнале во 20:19, откако беше откриено дека Мицкоски лаже за амандманите, велат од партијата.

Настана и расправија меѓу собранискиот спикер Џафери и Дескоска која бараше седница ако се усогласат мислењата, а Џафери рече дека не закажува до изборите за да не се искористи.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

15.04.2019 - 10:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега