Петти ден од изборната кампања во вториот круг, се засилуваат активностите на терен

Поминаа четири дена од кампањата за вториот круг на Локалните избори 2021, а кандидатите за градоначалници и лидерите на поголемите партии полека ги зголемуваат своите активности.

Партиите од владејачката коалиција потврдија дека владиното мнозинство останува стабилно и сплотено и дека ќе ги поддржат нивните кандидатите за градоначалници во вториот круг, а истото го направија и партиите од опозицијата.  Вчера официјална средба во Собранието имаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата за Албанците, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, на која ја потврдија заемната поддршка за нивните кандидати во вториот круг. Ден претходно Мицкоски имаше телефонски разговор со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на кој исто така беше потврдена соработката за вториот круг.

Од опозицискиот табор велат дека работат на ново парламентарно мнозинство кое го најавуваат по вториот круг на изборите, а од владејачкиот табор порачуваат дека актуелното мнозинство е стабилно и дури најавуваат и негово окрупнување.

Претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев очекува зголемување на парламентарното мнозинство и смета дека не треба да има предвремени парламентарни избори за земјата да може да се посвети на економијата. Вели дека Владата е стабилна и дека тоа го потврдиле и партнерите во коалицијата што ја предводи неговата партија. Смета дека не треба да има предвремени парламентарни избори, зашто двете и пол години без избори треба да се искористат за подобрување на економијата.

-Посветени сме на вториот круг, да го подобриме резултатот и веруваме во тоа, затоа што правиме обединување, затоа што имаме сериозна државна национална коалиција. Во 19 општини водиме во првиот круг, ама имаме шанса во 32, изјави премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Вториот круг, рече Заев, навистина е важна работа затоа што се важни општините, но и Градот Скопје, за кој посочи дека секојпат е симболот на победата.

22.10.2021 - 10:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа