Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска упати жестоки обвинувања до поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека бизнисот со медицинска марихуана бил само параван за организиран криминал и нелегална трговија со дрога.
Според Петрушевски, неодамнешната заплена на околу 40 тони марихуана потврдува дека дрогата завршувала на црниот пазар наместо во медицински цели. Тој посочи дека дури 70% од запленетото количество, односно 30 тони, потекнуваат од фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, која според него е директно поврзана со структури на СДСМ.
„Основач на оваа компанија е Христијан Котев, син на Тони Котев – М’гчев, човек близок до Зоран Заев и поранешен претседател на СДС во Ново Село. Лиценцата ја добил токму во времето на Заев и Филипче“, истакна Петрушевски.
Пратеникот побара од Јавното обвинителство итно да го истражи случајот, вклучувајќи го и начинот на кој се издавале лиценците и зошто марихуаната завршувала на нелегалниот пазар.


