ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека СДС шири „лаги и паника“ меѓу граѓаните во врска со безбедноста на водата за пиење во Гостивар и Скопје.
На прес-конференција, пратеникот Бране Петрушевски порача дека надлежните институции ги завршиле потребните испитувања и оти водата во Гостивар е безбедна за пиење.
„Филипче кој е на Егејот веќе има симптоми на сончаница, целосно е дезориентиран и тој, а и СДС, граѓаните да немаат грижа и водата во Гостивар е безбедна за пиење“, рече Петрушевски.
Тој го обвини СДС дека со своите настапи создава непотребна паника кај граѓаните, а критиките на опозицијата ги оцени како „опасни информации по здравјето на граѓаните“.
„Прво, факт е дека водата е безбедна за пиење во Гостивар. Сите надлежни инситутции во соодветен рок ги направија сите неопходни испитувања и вчера се покажа дека водата е веќе безбедна за пиење. Но, СДС и по оваа вест почна да зборува во празно, да бара документи“, изјави пратеникот.
Петрушевски се осврна и на информациите поврзани со водата во Скопје, оценувајќи дека станувало збор за „опасна здравствена информација за граѓаните на главниот град“, која, според него, била веднаш демантирана со докази.
Тој истакна дека граѓаните се безбедни и дека Владата се грижи за нивното здравје.
„За крај денеска имаме само едно да кажеме, граѓаните се безбедни и водата за пиење и во Гостивар е безбедна. Оваа Влада се грижи за секој еден граѓанин“, порача Петрушевски.
Во продолжение, тој упати критики кон раководството на СДС, вклучително и кон претседателот Венко Филипче, обвинувајќи ги дека се во „целосен хаос“.


