Кризата со питката вода во Гостивар послужи како повод за Филипче и новото раководство на СДСМ да пласираат невистини во јавноста во грчевита потрага по евтини политички поени. Ова денеска на прес-конференција го истакна пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, посочувајќи дека опозициската партија користи застарени извештаи за да сее паника меѓу граѓаните.

Според изнесените партиски ставови, опозицијата се обидува да манипулира со јавноста, наведувајќи го како свеж пример случајот со водата во велешкото село Сливник, каде што беа презентирани некогашни податоци за нејзината неисправност.

Од владејачката партија упатија совет до опозицијата конечно да се соочи со сопствените пропусти и да ја признае одговорноста што нејзините коалициони партнери ја имаат на локално ниво во Гостивар.

Во соопштението пренесено по прес-конференцијата на Петрушевски, од ВМРО-ДПМНЕ децидно ја подвлекуваат одговорноста за гостиварскиот случај:

„СДС и Филипче мислат само како да стигнат до политички поен плус. Но, треба да им е јасно дека тоа не се прави со лаги и немање свест за своите грешки. Сега во контекст на гостиварскиот скандал, повторно кажуваат само лаги како онаа последната дека во велешкото село Сливник водата е неисправна. И замислете, презентираат стар извештај.“

Од владејачкото мнозинство алармираат дека СДСМ, ДУИ и Арбен Таравари ја сочинуваат локалната власт во Гостивар, па оттука сите прашања околу безбедноста на водата треба да се упатат директно до нивниот градоначалник.

Петрушевски вели дека опозицијата ги штити своите кадри на сметка на здравјето на граѓаните:

„Добронамерно ги советуваме, да се освестат и да прекинат да шират лаги и паника и да се погледнат себе си. Затоа што тие се локална власт во Гостивар. Власт се СДС, ДУИ и Арбен Таравари во Гостивар. Ако им се важни граѓаните, како што знаат да повторуваат секојдевно нека го повикаат градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани кој е нивни кадар, да одговара, да поднесе оставка и слично.“

Според тврдењата на Петрушевски, молчењето од страна на опозицијата е директен доказ дека тие го штитат одговорниот кадар за труењето на населението.

Тој на крајот потенцираше дека за разлика од нив, централната власт презема соодветни чекори на сите нивоа:

„А тие што прават, молчат, што значи го штитата за труењето на населението во Гостивар и покажуваат дека поважен им е партискиот другар отколку граѓаните. Сепак, на централно ниво има одговорна власт која реагира навремено и соодветно за да ги заштити граѓаните.“

Exit mobile version