Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати сериозни обвинувања до претседателот на СДСМ, Венко Филипче, тврдејќи дека тој ги загрозува државните интереси со цел да се врати на власт.

Според Петрушевски, актуелното раководство на опозициската партија претставува континуитет на претходните политики кои, како што рече, донеле штетни договори за земјава.

„Додека СДС беше на власт, Венко Филипче и Зоран Заев, жедни и лакоми за ден повеќе на власт, прифатија и потпишаа бланко бел лист хартија со Бугарија“, истакна пратеникот.

Тој додаде дека претходната власт не исполнила ниту едно од своите ветувања за европско здравство, образование и економски напредок, туку наместо тоа донела криминал и идентитетски проблеми.

„Сега од опозиција Филипче е надградена верзија на тој владејачки СДС и слепо прифаќа се што доаѓа од Бугарија, повторно во надеж дека некој друг, а не граѓаните со глас на избори, ќе го донесат на власт“, обвини Петрушевски.

Во своето излагање пратеникот нагласи дека за опозицискиот лидер нема црвени линии кога се во прашање јазикот, културата и историјата на македонскиот народ.

„Затоа се претвори во пиун на Радев и вели дека македонскиот национален идентитет не е загрозен од бугарските ултиматуми кои пак велат дека историјата ни е заедничка, јазикот дијалект на бугарскиот, а македонските револуционери кои се бореле за автономна и независна Македонија, Бугари“, дециден е Петрушевски.

На крајот, пратеникот испрати порака до Филипче дека власта во државата се добива исклучиво преку гласање од страна на домашните гласачи, а не преку поддршка од странски држави.

„Наместо сојуз со туѓи држави и државници, потребна е коалиција со народот за одбрана и заштита на македонскиот национален идентитет. Нема пазарење со македонскиот идентитет, СДС, Филипче и Заев никогаш повеќе“, заклучи тој на прес-конференцијата.

Exit mobile version