Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, во гостување на „Топ Тема“ на Телма, обвини дека власта покажува сериозна неспособност во спроведувањето на реформите, нетранспарентност во носењето на законите и недостиг на вистинска посветеност кон европската интеграција на државата.

Петровска нагласи дека токму неспроведувањето на реформите е една од најголемите слабости на актуелната власт. Како пример го посочи Законот за Судскиот совет, кој е дел од реформската агенда, а кој повторно се менува само шест месеци по неговото донесување.

„Само ако очекувате дека се усвоени еден или два амандмани или дека е одржана некоја јавна расправа, не значи дека процесот бил инклузивен. Ако не ги сослушате учесниците и не ги прифатите нивните конструктивни забелешки, не може потоа да тврдите дека реформата била инклузивна“, порача Петровска.

Таа потсети и на повлекувањето на Законот за јавно обвинителство, оценувајќи дека тоа е уште еден доказ за несериозниот пристап на Владата кон реформските процеси.

„Кој ќе сноси одговорност за тоа што беше повлечен Законот за јавно обвинителство? Или барем да добиеме објаснување. Кога ние велевме дека не е коректно во пресрет на избор на јавен обвинител Собранието да носи вакви измени, бевме обвинувани дека го кочиме процесот. На крајот законот беше повлечен“, истакна Петровска.

Пратеничката на СДСМ ја отвори и темата за состојбите во јавните финансии, посочувајќи дека компаниите се соочуваат со доцнење на повратот на ДДВ, додека Владата тврди дека таков проблем не постои.

„Сите податоци и разговорите со компаниите зборуваат дека се доцни со исплатата на ДДВ. На пратеничко прашање министерката вели дека тоа не е точно. Сега, кој ја зборува вистината – тие на кои им се доцни со исплатите или министерката која тврди дека државата не должи никому?“, посочи Петровска.

Таа оцени дека токму ваквите примери ја намалуваат довербата во институциите и покажуваат зошто Владата нема кредибилитет да зборува за успешно управување со процесите во државата.

Во однос на техничката влада, Петровска повтори дека нејзиното постоење е гаранција за доверба во изборниот процес сè до членството на Македонија во Европската Унија.

„Нашиот став е дека техничката влада треба да постои до влезот на Македонија во Европската Унија. Обидот за нејзино укинување сега, преку скратена постапка, само покажува недоследност и политички калкулации“, изјави Петровска.

Exit mobile version