Петровска: Опозицијата треба да најде доблест да ги признае успесите на Армијата

Опозицијата нема капацитет и доблест да ги честита успесите на Армијата, достигнувањата во кои секој армиски припадник се вложил во изминатите години, туку само критикува и се служи со лаги, смета министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Таа во интервју за „Утрински Брифинг“, одговарајќи на прашањето за критиките и нападите од опозицијата, рече дека не ја допираат нападите, бидејќи биле лага.

– Во поглед на тоа што се случува и што се коментира во Министерството за одбрана и во Армијата, не ме допираат нападите лично врз мене, заради тоа што се лаги. Заради тоа што ако внимателно и се проследат или се анализираат нападите, ќе видите дека прашањата се упатуваат до мене, но тоа не значи моја инволвираност во одредени процеси. Јас никогаш не сум бегала и нема да бегам од одговорност, впрочем седењето на одредена позиција значи и прифаќање на одговорноста. Она што мене ме загрижува во суштина и што не можам да го разберам и не гледам државотворност кај опозицијата, е што на сите овие успеси што Армијата -не јас, Армијата ги имаше за ова кратко време, јас не слушнав честитка од нивна страна, потенцира Петровска.

Додаде дека во Република Северна Македонија за неколку месеци се одржале две големи активности кои го покажале капацитетот на Армијата, и ги посочи високите оценки кои ги доби Лесниот пешадиски баталјон и најголемата вежба „Брз одговор 22“, што во мај се одржа на Криволак и која учествуваа 4.600 војници од осум НАТО армии.

– Не слушнавме коментар од опозицијата од нејзините гласноговорници за тоа, барем да честитаат на Армијата. Се случи најголемата вежба што до сега била одржана, која вклучуваше осум армии од осум различни држави членки на НАТО, тука на Криволак. Нашата Армија беше домаќин на 4.600 војници од осум нации. Беше оценета вежбата како исклучително успешна, нашата Армија беше оценета како Армија која поседува капацитет и е рамноправна со сите други армии кои се многу поодамна од нас во НАТО алијансата. Не слушнавме коментар за тоа од опозицијата. Не за мене – мене нека ме напаѓаат, но треба да имаат државотворност, ако тврдат дека се таква партија, да честитаат на успесите на луѓето кои животот го посветиле на таа Армија, појасни Петровска.

Таа потенцираше дека процесот на целосна НАТО интеграција не е започнат пред три години, туку дека тоа е процес кој трае многу одамна, исто како и процесот на усовршување на нашата Армија, кој не се случува преку ноќ, тоа се долгорочни процеси.

– Да, зависи од политичката волја, колку импулс ќе дадете и колку ќе бидете посветени, но во суштина потешкиот дел од задачата го прават припадниците на Армијата. Кога немате капацитет и доблест да им честитате на нив тогаш гледате дека вие се борите само за гола власт, заклучи министерката. 

20.06.2022 - 13:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега