Петар од Охрид беше најсреќниот - по петти пат го фаќа крстот

Петар Руепски од охридската населба Варош беше најсреќниот меѓу неколку стотините верници кои денеска скокаа по Чесниот крст што во осветените води на Охридското Езеро го фрли митрополитот на Дебарско-кичевската епархија, владиката Тимотеј.

– Ова ми е петти пат како го фаќам крстот и секое фаќање ми носи нови возбуди, и сега како да ми е прв пат да успевам да го направам тоа. Се надевам дека и оваа година како претходните ми носеле многу успех, рече 30-годишниот Рупески.

Тој им порача на луѓето верба во Господ, а мотивот на сите што скокаат да им е единствено да им е верскиот празник. За себе очекува оваа година неговото семејство да добие принова.

Инаку, потребна беше одважност на студеното време да се влезе во студените езерски води чија температура според утринските мерења изнесуваше шест степени.

Први на најсреќниот денеска му честитаа Владиката Тимотеј и градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, кои го дарува Рупески со златно ланче и икона со ликот на Свети Јован Крстител.

Тоа го сторија и лидерите на најголемите партии во земјата, Зоран Заев и Христијан Мицкоски кои присуствуваа на церемонијата на осветувањето на езерските води.

Лидерот на СДСМ Заев на сите православни верници им го честиташе празникот Богојавление Христово.

– На сите наши граѓани православни верници им го честитам големиот празник, кога се раѓаме повторно во верата наша, кога веруваме во заедништвото, кога си помагаме меѓу себе во верба за нов почеток за нешто добро. На Петар, неговото семејство и на целиот македонски народ да му носи среќа, затоа што кршевањето христово е голем симбол за сите нас православни христијани кои веруваме дека навистина носи ново вдахновени за почеток и добро здравје на сите. Нека е честит празникот, рече тој.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски во лично и во име на партијата на сите граѓани им посака здравје, среќа и бериќет за нивните семејства, а оваа година година да биде година на обнова.

Празнувањето на Богојавленскиот водосвет во Охрид продолжува и утре на празникот Свети Јован Крстител односно во Охрид познат и како Денот на рибарите, кога своевремено се означуваше крај на сезонската забрана за риболов. Во поново време после овој ден почнува изловот на охридската пастрмка за нејзино измолзување на икрата за вештачки мрест.

Традиционалното капење на рибарите со што своевремено се означуваше крајот на забраната за риболов за време на зимскиот мрест, е своевидна атракција која привлекува многу гости во градот, а ќе биде збогатена со културно забавна програма и со бесплатна греана ракија, пача и препознатливата рибна чорба. Чорбата ќе се подготвува во голем казан поставен на Градскиот плоштад. За подготовката на овој специјалитет ќе бидат задолжени професорите и учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“. За чорбата набавени се 400 килограми риба, 70 килограми морков, 20 килограми целер, 25 килограми пашканат, 10 килограми кромид, 100 литри масло, 60 килограми брашно, како и сите останати потребни намирници и зачини. Според планираното, се очекува да бидат подготвени околу 1,5 тони чорба или околу пет илјади порции, кои ќе бидат послужени на присутните гости на манифестацијата. Дел од подготвената чорба ќе биде доставена и до социјално ранливите семејства од градот.

 

Празнувањето по повод верските празници Богојавление и Свети Јован Крстител во Охрид е една од најмасовните црковно-верски манифестации во православието, барем во овој дел од светот, како според бројот посетители на чинот на осветувањето на водите на Охридското Езеро, така и според бројот верници и гости кои влегуваат во студените езерски води за да го фатат Светиот крст. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.01.2020 - 10:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега