Пет земји склопија пакт: По итна постапка ќе одобрат модифицирани вакцини

Мoдифицирани вакцини кои треба да обезбедат заштита од нови варијанти на коронавирус ќе бидат одобрени по итна постапка, објавија регулаторните тела на петте земји кои се приклучија на конзорциумот ACCESS.

Конзорциумот ја вклучува Агенцијата за регулирање на лекови и здравство во Велика Британија (МХРА) и слични регулаторни тела во Австралија, Канада, Сингапур и Швајцарија.

Со договорот меѓу петте земји ќе се избегнат долги клинички испитувања за одобрени вакцини кои ќе се прилагодат на новите варијанти на коронавирусот во иднина, сè додека производителот може да обезбеди цврст доказ за ефикасноста и безбедноста, се вели во документот.

„Наш приоритет е да и понудиме на јавноста ефективни вакцини во најкус можен рок, под услов да останат безбедни“, рече Кристијан Шнајдер, раководител на истражување во МХРА.

Тој истакна дека јавноста не треба да се грижи, бидејќи ниту една вакцина нема да биде одобрена доколку не е доволно безбедна за употреба, ефективна и квалитетна.

Здравствените експерти се загрижени дека новите варијанти на коронавирусот, вклучително и бразилскиот, се поотпорни на постојните вакцини, загрозувајќи ги плановите на голем број земји за укинување на строгите ограничувачки мерки.

Макфакс

 

 

 

Добивајте вести на Viber

04.03.2021 - 12:37

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа