Годишниот извештај на Конгресот на САД, насловен „Воени и безбедносни случувања поврзани со Народна Република Кина“, укажува дека кинеската војска се наоѓа во фаза на интензивно вооружување, со јасна тенденција за значително зголемување на бројот на носачи на авиони и нуклеарни боеви глави.

Според проценките во документот, Кина планира да изгради уште шест носачи на авиони до 2035 година, со што вкупниот број во нејзината флота би достигнал девет. Со тоа, Пекинг би се позиционирал веднаш зад САД, кои во тој период се очекува да располагаат со единаесет носачи на авиони.

„Од друга страна, Пекинг е на добар пат да надмине 1.000 боеви глави до 2030 година. Кинескиот претседател Си Џинпинг ги претстави овие достигнувања како дел од неговиот „кинески сон“ за изградба на војска од „светска класа“, во суштина за да ја предизвика глобалната доминација на Соединетите Американски Држави до 2049 година“, се наведува во извештајот.

Во документот дополнително се посочува дека официјално објавениот буџет за одбрана на Кина пораснал за 5,2 проценти, прилагодени на инфлацијата, во периодот од 2023 до 2024 година. Сепак, Пентагон предупредува дека постои широк консензус оти официјалните бројки не ги опфаќаат сите реални трошоци за одбраната на земјата.

Овие воени проценки доаѓаат во време кога се забележуваат знаци на обновен дипломатски ангажман меѓу Вашингтон и Пекинг.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец изјави дека ја прифатил поканата од кинескиот претседател Си Џинпинг за посета на Кина во април, а воедно го поканил кинескиот лидер да оствари државна посета на САД следната година.

„Нашите односи со Кина се исклучително силни. Сега можеме да се фокусираме на пошироката слика. Се согласивме дека е важно често да комуницираме, што со нетрпение го очекувам“, изјави Трамп.

Exit mobile version