Пендаровски: Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на ОН, да решава и сложени прашања

Северна Македонија е подготвена да се вклучи во конструктивен дијалог со Бугарија, за да обезбеди целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Во исто време согласно истиот Договор очекува Бугарија да продолжи да биде наш пријател и поддржувач во процесот на евроинтеграција, порача македонскиот државен врв.

Претседателот Стево Пендаровски, вчера во обраќање на генералната дебата од 76. сесија на Генералното собрание на ООН во Њујорк, осврнувајќи се на ситуацијата во регионот и земјава подвлече дека Западниот Балкан е соочен со сериозни предизвици во поглед на неговите аспирации за европска интеграција и порача дека е крајно време е да се преиспита сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, дали е во согласност со визијата на неговите основачи.

-Актуелниот ќор-сокак во тој процес ги фрустрира граѓаните и постојано го намалува нивниот ентузијазам за позитивни промени. Од друга страна, ваквата состојба ги отвора вратите за геополитички натпревар, но и за поинакви модели на владеење, стеснувајќи го просторот за демократски реформи, толку важни за регионалната перспективаза стабилност и за просперитет. Крајно време е да ја преиспитаме сегашната фаза од најголемиот континентален проект по Втората светска војна, идејата за Европа, обединета, слободна и во мир. Дали актуелниот статус на европските интеграции во регионот е во согласност со визијата замислена од неговите основачи предмногу децении? Ако сакаме стабилен и просперитетен Западен Балкан како важна алка во континенталната и трансконтинентална стабилност и безбедност, мора да разбереме дека итно е потребен пробив на планот на неговата европска интеграција, нагласи шефот на државата.

Според него, како мала земја во Југоисточна Европа, Северна Македонија ја докажа својата способност, заедно со Грција, а со посредство на ОН, да решава и сложени прашања, како што е таканаречениот „спор за името“, што придонесе за дополнителна стабилност во регионот, а ефектите од Преспанскиот договор кој сега се спроведува, со добра волја, рече, ќе биде од корист и за нашите земји и за регионот во целина.

-Во исто време сме подготвени да се вклучиме во конструктивен дијалог со нашиот друг сосед, Бугарија, за да обезбедиме целосна имплементација на Договорот за добрососедство и соработка. Продолжуваме да ги зајакнуваме нашата внатрешна стабилност и развојот, како функционално мултиетничко општество, засновано врз начелата на демократија, владеење на правото и човековите права. Притоа сосема сме свесни дека најдобриот можен придонес, што можеме да го понудиме за пошироката стабилност и напредок, е да ги имплементираме сите овие вредности дома, кај нашите граѓани, вели тој.

24.09.2021 - 09:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа