Пендаровски: Реформите во одбраната и во безбедноста се постојан процес и ние ќе продолжиме со нив и по членството во НАТО

Со пригодна свеченост во Центарот за обука на вода во Охрид денеска беше одбележан 18 август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија.

Во обраќањето пред бројните гости на централната свеченост претседателот и врховен командант на Армијата Стево Пендаровски потсети на историските зачетоци на современата македонска армија, од 18 август 1943 година кога на Славеј Планина беше формирана првата голема воена формација, Првиот баталјон именуван во чест на паднатиот борец и народен херој, член на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди – Мирче Ацев.

– На самите свои почетоци Армијата започна скромно и во крајно неповолни услови. Меѓутоа за кратко време се консолидираше, а веќе во средината на 1990-те години отпочна со структурни реформи, со цел да се трансформира во армија на идна земја членка на НАТО…До денес ова стратешка цел претставува еден од најголемите кохезиони фактори во нашето општество, поддржан од широк национален консензус зад кој стојат сите релевантни политички партии, огромното мнозинство граѓани од сите етнички заедници, а силна поддршка даваат и невладиниот сектор и бизнис заедницата, рече меѓу другото Пендаровски.

Претседателот потсети дека по повеќе од две децении реформи и решавање на долгогодишниот спор околу името со Грција, земјата е на чекор од полноправно членство во НАТО.

– Ние многу одамна решивме да ги прифатиме вредностите на Северноатлантскиот договор кој не обврзува да ги чуваме „слободата, заедничкото наследство и цивилизацијата на народите засновани на принципите на демократијата, индивидуалната слобода и владеењето на правото“, како основа на системот на колективна одбрана и заштита на мирот и безбедноста…Владеењето на правото е наопходен услов за функционирање на демократијата и за развојот на слободното општество. Затоа, наш апсолутен приоритет е да го издигнеме владеењето на правото во наша врвна вредност и да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите и во државата, рече Пендаровски.

Тој даде ветување дека како врховен командант ќе инсистира на подобрување на животниот и професионалниот стандард на војниците, како и поддршка на реформите во одбраната.

– Еден од приоритетите во реформските процеси ќе биде насочен кон декларираните НАТО-единици, а во тој контекст целосно ги поддржувам заложбите на Владата како идна членка на НАТО да издвојува два проценти од БДП за инвестирање во одбраната, за што согласно моите надлежности ќе направам се да биде реализирано најдоцна до 2024 година. Реформите во одбраната и во безбедноста се постојан процес и ние ќе продолжиме со нив и по членството во НАТО. Како врховен командант секогаш ќе давам поддршка за опремување и модернизација на Армијата, подобрување на условите за живот и работа и издвојување 2% од БДП за одбранбен буџет-истакна претседателот,рече претседателот Пендаровски.

 

Свое обраќање пред присутните имаше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која истакна дека Армијата својот 27. роденден го празнува во година за која забележа дека е година на успех, година во која се заокружува патот на државата кон членството во НАТО.

Потсетувајќи на секојдневниот ангажман на Армијата во изминатиот период, од сите редовни активности, учеството во мировни мисии во странство, но и акции во вонредни ситуации, па се до крводарителски и акции за спасување, Шекеринска ја истакна обврската на државата и системот да обезбеди најдобар тренинг, најдобра опрема, како и постојано инвестирање во обука на војниците и старешините.

– И тоа го правиме. Затоа две години по ред го зголемуваме буџетот на одбраната, затоа две години по ред ги зголемуваме платите, затоа ги исплаќаме редовно и јубилејните награди и дежурствата. Затоа започнавме со обезбедување на спортска и алпинистичка опрема за припадниците на Армијата. Набавивме нови инженериски машини по цели 16 години. Ја подмладивме Армијата со 500 нови професионални војници. Затоа обезбедивме парични награди за повеќе припадници кои покажаа вонредна подготвеност, хуманост и пожртвуваност кон цивилното население. Хуманоста е невидлива еполета на нивните рамења, рече таа потсетувајќи и на новиот Правилник според кој сите учесници во мировни и хуманитарни операции ќе продолжат да ги примаат своите основни армиски плати, а вкупната месечна заработка (заедно со сите надоместоци) ќе биде повисока за 500-700 евра за сите војници и подофицери.

Министерката за одбрана истакна дека таквите заложби за натамошните заложби за опремување и модернизација на вооружените сили се дел од Долгорочниот план 2019-2028, што предвидува измена на клучните закони и воведување на НАТО правилата, а насочени кон мореднизација на Армијата и подобрување на нејзините оперативни способности.

– Поголема грижа, поголем домашен буџет, поголема сигурност, поголема мотивација. Сето тоа го правиме и ќе го правиме затоа што – за да бидеме силни надвор, мораме прво да бидеме силни дома. Единствено со инвестирање во нашата безбедност и во нашите капацитети, можеме да стекнеме сигурност во себе и во нашите планови, рече министерката за одбрана Шекеринска.

Во рамки на свеченоста во Охрид беше одржана и церемонија на која претседателот на државата Стево Пендаровски ги врачи ордените за воени заслуги доделени на Канцеларијата на НАТО за врски во Скопје, како и Сквадронот на транспортни хеликоптери од воздухопловната бригада на Здружената оперативна команда при Армијата на РСМ.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.08.2019 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега