Пендаровски: Пописот ќе не соочи со стравот колку всушност малку не има

Претседателот Стево Пендаровски, на состанокот организиран од Државниот завод за статистика околу пописот, порача дека по консултациите што ги направил со експерти е убеден дека самото законско решение не е пречка да се одржи успешно пописот.

-Проблемите не се ниту законски, ниту технички, ниту здравствени, туку во неговата непотребна политизација, која се креира во јавноста со повици за бојкот ако резултатите не отсликуваат нечија замислена бројка. Тие не доаѓаат од една страна и се рефлексија на стравот од резултатите, што пак произлегува од концептот на човекови права како збир на привилегии што некој некому ги дава. Затоа, кога се пребројуваме во регионот се уште веруваме дека силата е во бројките и дека само така ги остваруваме правата. Но, човековите права не се привилегии што можат да се одземат или изгубат во зависност од нечија одлука или волја и тие не зависат од бројката. Во демократска  држава со европска иднина стекнатите права не сметат да се одземаат туку само да се зголемуваат.

Ако постои една работа што треба да не исплаши, тоа е таа на иселени граѓани,на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага за подобра иднина. А, се иселуваат од секоја етничка и верска припадност, и од сите општини и градови. Тоа се чувствува најмногу на локално ниво и вие како градоначалници сигурно познавате ваши сограѓани кои купиле карта за еден правец. Пописот ќе не соочи со стравот колку всушност малку не има во нашата заедничка држава. Место да се обвинуваме кој колку придонел за тоа, треба да бараме заеднички решенија за намалување на иселувањето, рече Пендаровски пред премиерот Зоран Заев, претседателот на Парламентот Талат Џафери и градоначалниците.

Тој ги повика нив како и сите политички фактори да им помогнат на институциите подобро да си ја завршат својата служба во интерес на граѓаните.

-Ни треба попис чии резултати ќе бидат признати, а ќе го деполитизираме ако сите релевантни политички фактори упатат јасни пораки во правец на стекнатите права во државата. Ако нешто зависи од резултатите на пописот не се правата на граѓаните туку развојните стратегии. Лично очекувам сите политички преставници да бидат на висина на историскиот предизвик, зошто пописот ќе биде тест за зрелоста на државата и ќе помогне да се обнови довербата на граѓаните во институциите и меѓусебната доверба независно од етничката прпадност. Во таа смисла попречувањето на пописот е само дефокусирање од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, рече претседателот на државата.  

 

 

 

Добивајте вести на Viber

29.01.2021 - 12:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега