Пендаровски: Охридската школа на хуманизмот го продолжува делото на св.Климент и прочуената Охридска книжевна школа

 

Годинешното доделување на 15. Светска награда на хуманизмот има особена симболика, пред се, што со неа се одбележува 30-годишнината од основањето на Охридската академија на хуманизмот. Низ своите три децении опстојување, со јасно декларирана цел, ширење на хуманите вредности низ светските меридијани, Охридската академија, во современ контекст, всушност, го продолжува делото на свети Климент Охридски и на неговата надалеку позната Охридска книжевна школа.

Тоа го истакна претседателот Стево Пендаровски во видео-пораката што ја упати до учесниците на онлајн Меѓународна конференција „Охридската школа на хуманизмот од Средниот век до денес во Европа и светот“ што се одржува во видоизменети услови наметнати од епидемијата на коронавирусот.

Пендаровски истакна дека меѓу мноштвото активности на Академијата особено значајно место зазема доделувањето на светската награда за хуманизам. Востановена во 2007-та, наградата се доделува секоја година на светски познати уметници, интелектуалци, истакнати имиња, но, пред се, на посветени хуманисти. Кон долгата листа импозантни имиња на лауреати, годинава се придружува и името на академикот од Босна и Херцеговина, почитуваниот Абдулах Шарчевиќ, несомнено еден од најзначајните филозофи во нашиот регион, признат и познат многу подалеку од неговите граници.

– Посебен и за нас значаен куриозитет е податокот дека академик Шарчевиќ почетоците на својата научна кариера ги имал на Филозофскиот факултет во Скопје, во втората половина од 50-те години на минатиот век. Се надевам дека и по добивањето на ова престижно признание, личните и професионалните контакти кои професорот Шарчевиќ одамна ги има изградено со Република Северна Македонија само ќе добијат на интензитет, рече претседателот.

Уште истакна дека со пандемијата која не само што ги загрози нашите животи и нашето здравје, ни го промени секојдневието и буквално го промени ликот на целото човештво, за жал, само уште повеќе се зголеми човековата отуѓеност, правејќи не ранливи, осамени и затворени во себеси.

– Имено, во вакви времиња ни е и тоа како потребна хуманоста, солидарноста и взаемната почит. Да го победиме Ковид-19 и да се вратиме во нормалното секојдневие, но и да ја афирмираме и повторно актуализираме духовноста и културата. Накусо, да ја вратиме човечноста на човештвото, рече Пендаровски.

Оваа година изостана и свеченоста на врачувањето на Светската награда на хуманизмот. На оваа поинаква свеченсот требаше свое обраќање да има и неодамна починатиот академик Георги Старделов, кој остави неизбришлива трага во македонската култура и општествена мисла.

Старделов кој имаше подготвено беседа за годинешниот лауреат, ќе рече дека фолозофското дело на Шарчевиќ ни дава една храбра и навистина сеопфатна дијагноза на нашето време и во него: на нашата цивилизација, на нашата културна историја, на нашето општество во кое опстојуваме; сеопфатна анализа за тоа што се случува со човекот денес во 21 век, во векот на неговото отуѓување од сето човечко и човечно.

Пригодна реч за лауреатот имаше и претседателот на Комисијата што ја доделува наградата, амбасадорот Јордан Плевнеш.

Охридската награда за хуманизам е активност осмислена во насока на возобновување на духовната меморија за првата средновековна школа на хуманизмот основана од светите Климент и Наум, учениците на св. Кирил и Методиј – заштитниците на Европа.

Професорот Шарчевиќ е петнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО веќе овенча светски великани меѓу кои нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира и Романо Проди. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

19.01.2021 - 13:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега