Пендаровски: Образованието суштествено придонесува за мирот и развојот

Претседателот на Република  Македонија, Стево Пендаровски, денеска се обрати на симпозиумот „Образованието како фактор за мир и одржлив развој“, што по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на образованието, се одржува на универзитетот ФОН во Скопје.

Обраќањето на Пендаровски во го пренесуваме во целост:

Ми претставува чест што имам можност да ви се обратам на почетокот на симпозиумот  „Образованието како фактор за мир и одржлив развој“ што го организира ФОН универзитетот по повод меѓународниот ден на образованието. По прогласувањето од Обединетите нации, минатата година беше премиерното одбележување на 24 јануари како ден на образованието. Годинава кога веќе традицијата е воспоставена, централната тема за денот на образованието е „Учење за човештвото, планетата, напредокот и мирот“. Тоа е несомнено тема која инспирира и која е особено актуелна и значајна ако се имаат во предвид глобалните тенденции.

„Се разбира, овој ден за мене има и лично значење имајќи предвид дека голем дел од мојата професионална кариера ја поминав како универзитетски професор и можам од таа позиција поквалификувано да зборувам за значењето и улогата на образованието. Севкупниот развој и напредок на човековата цивилизација се темели на образованието и науката и на нашата потреба за знаење. Степенот на развој на човештвото какво што денес го познаваме е незамисливо без образовните институции, но и сето она што како знаење се добива на неформален начин и преку различни други модалитети.

Како што е одредено со насловот на симпозиумот и воопшто, тематската одредница на годинешново одбележување на меѓународниот ден на образованието - една од улогите на образованието, некогаш и денес, е што суштествено придонесува за мирот и развојот, а овие две работи не одат една без друга. Да ги парафразирам зборовите на Едвард Еверет кој вели дека образованието е подобра одбрана на слободата од било која армија.

Правото на образование е основно човеково право. За жал, според податоците на Обединетите нации околу 265 милиони деца и возрасни немаат пристап или не го комплетираат своето основно образование. Тоа значи и зголемување на неписменоста, на сиромаштијата, на родовата нееднаквост. На глобално ниво треба уште многу да се работи за да се овозможи непречен пристап до образованието на секој дел од Земјината топка. Бегалските и мигрантските кризи дополнително ја влошуваат ситуацијата и бараат одговорно лидерство за справување со овој проблем. Денес кога низ целиот свет се одржуваат различни активности чија цел е подигнување на свеста за значењето на достапноста и квалитетот на образованието, апелирам секој од нас, во рамките на своите можности и ингеренции, да ја преземе одговорноста и да работи за подобрување на квалитетот на образованието, најпрво во својата заедница и во својата земја.

Пред почетокот на денешниов симпозиум беше промовиран Одборот за доверба на ФОН универзитетот каде што членуваат еминентни научни имиња, професори со респектибилно наследство и во науката и во образованието, но, и со влијание врз правецот на развој на општествата во кои живееле, живеат и творат. За мене не само како претседател, но, и како човек кој припаѓа на академската заедница ваквиот состав на одбор на еден македонски универзитет претставува патоказ по кој треба да се движи високото образование. Ме радува што токму голем дел од членовите на овој одбор се денес со нас и ќе бидат говорници на овој симпозиум“ рече Пендаровски.

 

 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

24.01.2020 - 13:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега