Пендаровски на средба со Вучиќ - Српскиот претседател со полна пареа откако излезе од болница
Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре престојува во официјална посета на Република Србија, каде што ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.
Пендаровски ќе има тет-а-тет средба со српскиот претседател Вучиќ во Палата Србија во Белград, по што ќе следува и пленарен состанок меѓу делегациите на Република Македонија и на Република Србија.
Претседателот Пендаровски, како што најавуваат од неговиот кабинет, ќе има средба и со претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ и со претседателката на Народното собрание на Република Србија Маја Гојковиќ.
Во рамките на официјалната посета, Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија Марко Чадеж и со српски стопанственици.
Пендаровски утре во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателската панел-дискусија „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Република Словенија Борут Пахор.
За потсетување, викендов српскиот претседател беше итно пренесен во болница откако имаше проблеми со срцето.
- „Им благодарам на докторите и персоналот на ВМА. Им благодарам на сите што се грижеа. Веќе од понеделник ќе бидам во полн работен погон“, напиша Вучиќ тогаш.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа