Пендаровски на средба со раководствата на компаниите учесници во програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“

Во рамки на имплементација на проектот „Млади менаџери и бизнис-лидери“ на Советот на странски инвеститори, а под покровителство на Кабинетот на шефот на државата, претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со раководствата на компаниите коишто учествуваат во проектот,

Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Републиката, истакнувајќи дека програмата ќе им овозможи на младите луѓе да стекнат конкурентни вештини и знаења кои што ќе ги одведат во нови професионални предизвици, Пендаровски на средбата ја реафирмираше поддршката за овој и за сите следни заеднички проекти коишто ќе придонесат за доусовршување на младите луѓе и коишто ќе ги мотивираат да останат во нашата земја.

– Покажавте висока свест и солидарност. Во најтешката година за бизнисот досега, покажувате и повисок степен на општествена одговорност. Особено, вредна за почит е Вашата одлука во овие особено тешки услови за работење и егзистирање, во своите компании да примите млади луѓе. Програмата е одлична можност за професионален нaпредок на секој амбициозен, млад човек, им порача претседателот Пендаровски на претставниците на странските компании.

Во проектот се вклучија 8 компании – членки на Советот на странски инвеститори: ЕВН Македонија АД, Комфи Ангел, Ван Хоол Македонија, Кемет Електроникс Македонија, ЕОС Матрикс Македонија, Филип Морис ТКП, Рамстор Македонија и Макстил АД Скопје. Менаџерите на компаниите на денешната средба посочија дека преку проектот ќе се откријат талентирани млади луѓе, на коишто компаниите ќе им пренесат нови знаења.

– Фактот што интересот на компаниите е голем покажува дека програмата досега ја постигнува својата цел. На младите луѓе им даваме многу повеќе од пракса. Го зајакнуваме нивниот потенцијал и го зголемуваме најнеопходниот ресурс во земјата – човечкиот, истакнаа на средбата претставниците на Советот за странски инвеститори.

Преку воспоставената соработка меѓу Кабинетот на претседателот и Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, 20 млади луѓе ќе учествуваат на обуки за стратешко планирање и лидерски вештини, а ќе имаат можност и да посетат различни сектори во рамки на компаниите коишто ги селектирал избраниот кандидат. Учесници во проектот ќе бидат дел од вебинари и ќе подготвуваат студија на случај. Практичната реализација на проектот започнува во понеделник. Годинава, поради пандемијата на Ковид-19, истиот ќе се одвива онлајн.

Право на учество во програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ имаа млади луѓе не постари од 29 години, односно студенти коишто се во последната година од нивните додипломски студии, дипломирани студенти, студенти на магистерски и докторски студии на универзитети/факултети по економија, право, човечки ресурси, менаџмент, јавна администрација, бизнис или научна област со која се занимаваат компаниите вклучени во оваа програма. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

20.01.2021 - 17:01

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега