Пендаровски: Македонската економија зависи од внатрешните реформи

Годинава ни е повеќе од потребна визија за напредокот на нашата заедничка татковина, нешто што вообичаено го нудат самитите на „Македонија 2025“. Во овие непредвидливи времиња успехот на македонската економија ќе зависи не само од надворешните фактори врз кои не можеме да влијаеме, туку пред се од посветеноста на внатрешните реформи, порача претседателот Стево Пендаровски на затворањето на Самитот на невладината „Македонија 2025“ што вчера и денеска се одржуваше во Скопје.

-Кога луѓето престануваат да веруваат дека нешто може да променат тие едноставно се помируваат со судбината. Најголемата опасност не се самите кризи, туку ставот кон нив. Дилемата е дали ќе бараме решенија или по линија на помал отпор ќе се препуштиме по текот на настаните, истакна Пендаровски.

Тој посочи дека отпорноста кон кризите не е само материјална, туку и ментална.

-Ако сакаме колективната беспомошност да ја замениме со колективна надеж ќе мора да посегнеме по клучниот ресурс, а тоа е волјата. „Македонија 2025“ од своето основање до денес успеа да му помогне на македонскиот бизнис да преброди неколку национални и глобални кризи, да инспирира нови генерации бизнис лидери, да привлече бројни странски инвеститори и да ја одржува надежта дека можеме да ја менуваме реалноста независно од контекстот, нагласи Пендаровски.

Со таква увереност, како што кажа, на почетокот на неговиот мандат ја иницирал рамката за развој „МКД 2030“  како заедничка платформа за долгорочна визија за развојот и иднината на земјава.

-Целта беше да се изгради над партиски национален консензус околу приоритетите неопходни за забрзан раст и подобар живот на граѓаните. Проектот го започнавме во многу поповолни услови од сегашните пред почетокот на пандемијата во време кога се заокружуваше нашата интеграција во НАТО и кога европската перспектива изгледаше многу поблиску, рече шефот на државата.

Сега, после три години, додаде, светот изгледа драматично.

-Пандемијата предизвика глобална рецесија, енергетска криза и ценовни шокови на глобалните пазари. Во 2024 година глобалната економија ќе биде барем за 2,3 проценти помала отколку што би бил без пандемијата. Руската инвазија на Украина доведе и до европска енергетска и прехранбена криза. Паралелно на тоа се соочуваме со блокади на европските интеграции и иселување на младите, нагласи Пендаровски.

19.05.2022 - 17:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега