Пендаровски, го посети баталјонот за воено – медицинска поддршка: Ни останува да веруваме дека кризата со пандемијата наскоро ќе заврши

Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска ги посети припадниците на баталјонот за воено – медицинска поддршка, во рамки на Воено – медицинскиот центар.

По прогласување на пандемијата на вирусот COVID-19, персоналот на центарот активно се вклучи во поддршка на вработените во јавните здравствени установи. На барање на министерството за здравство во март, тим на Воено – медицинскиот центар  ја постави маневарската болница пред платото на Инфективната клиника при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, со цел да се зголемат капацитетите во случај на наплив на пациенти со COVID-19.

Имајќи го предвид зголемениот број на болни од вирусот, од средината на минатиот месец, воено медицински персонал од центарот е ангажиран во Центарот за јавно здравје и во ГОБ „8 Септември“. Командатката на центарот, полковник Ирена Минева го информираше претседателот Пендаровски дека тимот којшто е ангажиран за потребите на ГОБ „8ми Септември“ е составен од искусни медицински техничари кои работеле во поранешната Воена болница. Тие веднаш биле распоредени на одделот за интензивна нега и во шок соба, каде се сместени најтешко болните пациенти со  COVID-19.

При посетата на воено – медицинскиот центар претседателот Пендаровски преку видео врска поразговара со постар водник прва класа Фатиме Мустафовска, којашто е дел тимот ангажиран во ГОБ „8 Септември“ и која до трансформацијата на Воената болница, работела на хируршките одделенија. Истакнувајќи дека работата со тешко болни пациенти е многу специфична, претседателот Пендаровски и порача на Мустафовска да биде истрајна.

„Ни останува да веруваме дека кризата со пандемијата на вирусот COVID 19 наскоро ќе заврши и дека здравствените работници, но и сите што се вклучени во справување со последиците од пандемијата ќе можат да здивнат и да бидат ослободени од стресот и од секојдневниот ризик“, потенцираше претседателот Пендаровски во разговорот со Мустафовска.

Инаку, за работата на центарот, неговата мисија и идните планови претседателот Пендаровски го информираше командантката на центарот, полковник Ирена Минева. Во својата презентација полковник Минева истакна дека во моментов се соочуваат со недостиг на доктори по општа медицина, коишто се одговорни за примарната здравствена заштита на здравјето на гарнизоните. Воено -медицинскиот центар, како што посочи потполковник Минева учествува во целосниот здравствен систем во земјата, има договор со Фондот за здравствено осигурување и преку системот „Мој термин“ пружа здравствени услуги на сите граѓани.

Како земја членка на НАТО, како што рече претседателот Пендаровски, неопходно е воено – медицинскиот центар да биде соодветно екипиран и како и досега да функционира беспрекорно.

Главната мисија на центарот е зачувување и унапредување на здравјето и одржување на борбената готовност на припадниците на македонската Армија на потребното ниво. Покрај основната мисија, единицата е одговорна за Копнената маневарска болница со Улога 2. Во 2014 година КМБ со Улога 2 беше оценета според НАТО концептот за оценување на оперативни способности и по сите критериуми ги доби највисоките оценки. Исто така, персоналот на воено – медицинскиот центар досега учествувал во повеќе мировни операции, односно „АЛТЕА“ во Сараево, Босна и Херцеговина, во мисиите „ИСАФ“ во Кабул и во Мајмана, Исламска Република Авганистан.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

28.07.2020 - 12:42

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа