Пендаровски: Бајден има лични релации со регионот, очекуваме посилен ангажман на новата администрација на САД

 Новата американска администрација можеби ќе биде поприсутна на Западниот Балкан. Она што е важно за нас е дека тимот кој го формира Џо Бајден е далеку поискусен во однос на меѓународната политика и во однос на значењето на односите со европските партнери, вклучително и со балканските држави и навистина тука очекуваме многу поголем ангажман и интерес кон Западниот Балкан, изјави во интервјуто за МИА претседателот Стево Пендаровски.

– Џо Бајден има и лични релации со овој регион, има и во времето на последните балкански војни доаѓано во регионот на различни меѓународни конференции, форуми, многумина од нас се имаат среќавано или биле на ист настан, така што мислам дека Балканот е подрачје што прилично добро е познато за претседателот, вели Пендаровски.

Додава оти е јасно дека работите на Балканот не се завршени, односно постојат неколку отворени прашања – меѓународниот статус на Косово, нефункционалноста на Босна и Херцеговина, односно Дејтонскиот договор…

На прашањето на МИА дека ако се додаде сега и историјата како услов на релација Северна Македонија – Бугарија, Пендаровски со став дека ако се дозволи ова прашање да остане статус кво и интеграцијата на земјава во ЕУ може да остане исто така отворено прашање.

– Тоа сакав да го додадам на крај. Значи, сега, за жал, ако ова дозволиме Софија и Скопје ова да продолжи да биде во таква една статус кво ситуација, прашањето на Северна Македонија и нејзината интеграција во ЕУ тоа може да остане исто така едно прашање отворено, кое јас мислам дека влегува во поширокиот геополитички контекст на Западниот Балкан и не би смеело да се отпише само како чисто билатерално прашање на две соседни држави, кои не може да најдат разбирачка за не знам кое прашање од 19 век, рече Пендаровкски, додавајќи оти тоа има пошироки импликации.

Изрази надеж дека новата администрација од 20 јануари на Џо Бајден ќе ги препознае тие компоненти на целиот комплекс прашања, затоа што, како што вели, и во нејзиниот тим за надворешна политика и за национална безбедност има многу луѓе што имаат искуство од деведесеттите години од Балканот и луѓе што се експерти за регионот, така што многу добро знаат дека Западниот Балкан не е таму некоја периферија, која нема никакви импликации врз пошироката континентална безбедност. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

16.01.2021 - 12:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега