Од средишната шахта на булевар „Александар Македонски“ во Општина Гази Баба синоќа се излеа голема количина хемиска пена, што предизвика вознемиреност кај жителите од околината. Дел од граѓаните ја фотографираа необичната бела материја и ги објавија снимките на социјалните мрежи, по што на терен реагираше Инспекторатот на Град Скопје. При вонредниот надзор било утврдено дека загадувањето потекнува од фирма лоцирана во непосредна близина на местото на истекувањето.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на својот профил на Фејсбук ја нарече ситуацијата „алармантна“ и информираше дека инспекторите веднаш излегле на терен и направиле целосен увид.

„На лице место беше затекнато масивно истекување на хемиска пена на јавна површина, потекната од правен субјект што стопанисува во околината. Станува збор за сериозно прекршување на законските прописи и загрозување на животната средина. Надлежните институции веднаш постапија“, напиша тој.

Според градоначалникот, земени се примероци од шахтата, од површината на булеварот и од опремата во сопственост на компанијата, кои се испратени на анализа, а резултатите се очекуваат денеска. Дополнително, ќе биде разгледан и елаборатот за животна средина што фирмата е должна да го поседува, со цел да се утврдат причините за инцидентот и евентуалните пропусти во работењето.

„Врз основа на утврдените факти ќе бидат преземени најстроги мерки. Нема да биде дозволено никакво отстапување – секој што го загрозува здравјето на граѓаните и ја загадува околината ќе одговара“, порача Ѓорѓиевски.

Exit mobile version