Пецас: Северна Македонија може да отпочне преговори со ЕУ само во пакет со Албанија

Одговарајќи на новинарски прашања на редовната владина прес-конференција, грчкиот портпарол на Владата – Стелиос Пецас, потврди дека се можни средби на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис со неговите албански и македонски колеги – Еди Рама и Зоран Заев, додека е во Њујорк, пренесува „365.мк“.

Прашан дали ќе се разговора за одвојувањето на Северна Македонија од пакетот со Албанија, односно дали напредокот на патот кон Европската унија ќе се разгледува по индивидуална заслуга, како што постојано инсистираат македонските власти, Пецас одговори дека во очите на Атина двете земји се неразделни кога се работи за добивање зелено светло за почеток на преговорите за членство во Европската унија.

„Од разговорите во Европа, од она што го знаеме, и од она што го гледаме, нашата позиција е дека не може да има одделен третман на овие две земји“, рече Пецас.

Прашан за критиките од страна на СИРИЗА и Алексис Ципрас, дека Нова Демократија го променила односот кон Преспанскиот договор, Петсас беше категоричен:

„Нашата позиција останува потполно иста. Потсетувам – како што рековме многу пати – дека ние направивме сѐ, прво за да не се потпише, а потоа и за да не се ратификува овој Договор. По неговата ратификација, рековме дека не може да биде поништен еднострано…

Што правиме? Со сета сила што ја имаме и на сите меѓународни средби, ние се трудиме да ги ублажиме негативните последици од договорот. Повеќепати напомнавме за кампањата за Македонски производи. А рековме и дека нема да има отворање или затворање на било кое поглавје од преговорите со ЕУ ако грчките интереси не се задоволени. Како што знаете, процесот за Западниот Балкан ќе продолжи. А ние сме тука и ќе го следиме“, рече Пецас.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.09.2019 - 20:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега