Пауновски: Не забрануваме луѓето да пијат кафе, забранети се собирањата што се правеа околу кафематите

Најголемиот дел од правните субјекти ги почитуваат одлуките за заштита од коронавирусот што ги носи Владата, но има и дел што не ги почитуваат. Таква е состојбата во целата земја, па и во Битола, порача денеска директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) Стојко Пауновски.

– Во Битола имаме проблеми со непочитување на одлуките кај производителите во однос на цените, а за еден производител на брашно веќе се издадени платни налози, бидејќи не ја врати цената на производот на истото ниво на кое беше на 11 март. Постапката таму е во тек и повторно ќе се изврши контрола дали се вратени цените, рече Пауновски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека во Битола се затворени 16 угостителски објекти кои не ги почитувале одлуките на Владата за заштита од коронавирусот.

– Во тек е постапка, бидејќи имаше злоупотреба со кафематите и се издаваше кафе од кафемати на бензински пумпи и во трговски објекти. Постапката е при крај и веќе имаме 43 запечатени кафемати со налепница од ДПИ. Тоа не го правиме со цел да им забраниме на луѓето да пијат кафе, туку за да се почитува одлуката да нема собирање на луѓе. Се она што ќе значи непочитување на одлуките на Владата ќе биде санкционирано и тоа не само во Битола, туку и во другите градови, потенцира Пауновски.

Директорот на Државниот инспекторат за труд, Аљадин Хавзиу потврди дека во Битола и низ целата држава ќе се врши проверка на фирмите кои имаат избркано вработени и кои им дале на вработените да потпишат спогодба за напуштање на работното место за време на траење на кризата со коронавирусот.

– Дефинитивно ќе го направиме тоа. Апелираме да се пријават таквите случаи кај нас. Ние немаме магично стапче да ги вратиме луѓето назад на работа, но ќе ја провериме постпаката за отказното решение. Ако е согласно законот ништо не можеме да направиме, но доколку има повреди на Законот за работни односи, тогаш ќе постапиме. За да можеме да го направиме тоа неопходно е граѓаните да пријавуваат кај нас, рече Хавзиу. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

03.04.2020 - 14:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега