Патрушев: Русија нема рокови, воената операција ќе заврши кога ќе се постигне целта

 

Официјален Кремљ во интервју во вторникот наутро зборуваше за војната во Украина, наведувајќи дека Русија нема рокови и дека ќе ја заврши својата воена кампања кога ќе се постигне целта за денацификација.

Ние не бркаме рокови. Нацизмот или мора да се искорени 100 отсто или ќе крене глава за неколку години и тоа во уште погрда форма – изјави секретарот на Советот за безбедност на Русија Николај Патрушев, додавајќи дека задачите на специјалната воена операција во Украина ќе бидат исполнети, пренесе „Њузвик“.

Тој во интервју за весникот „Аргументи“ (АиФ) го спореди неодамнешниот масакр во Бафало во Њујорк, што го изврши бел врховист, со украинскиот баталјон Азов.

– Западњаците веројатно нема да ги симнат розовите очила додека украинските насилници не почнат да беснеат по нивните улици. И не само во Европа, сетете се на неодамнешните пукотници во Бафало. Би сакал да ги прашам Американците која е разликата помеѓу неонацист кој пука во луѓе во супермаркет и милитант од Азов – рече Патрушев.

Тој зборуваше и за Финска и Шведска, кои неодамна официјално го најавија влезот во НАТО. Тој ја нарече алијансата „не одбранбен, туку чисто агресивен офанзивен воен блок“ и рече дека членството во него значи дека земјата мора да отстапи одредена моќ на САД.

– Доколку воената инфраструктура на алијансата се прошири на територијата на Финска и Шведска, Русија ќе го сфати тоа како директна закана за нејзината безбедност и ќе биде обврзана да одговори – предупреди Патрушев, пренесе „Њузвик“.

Тој посочи дека ќе бидат остварени сите поставени цели од претседателот на Русија, пренесува Интерфакс. Патрушев додаде дека не може да биде поинаку, бидејќи, според него, вистината, вклучително и историската, е на страната на Русија.

– Судбината на Украина ќе ја одредат луѓето кои живеат на нејзината територија – рече Патрушев, пренесуваат медиумите.

25.05.2022 - 12:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега