Париз ниту потврдува, ниту одрекува дека постои француска инцијатива за бугарското вето

Како што се наближува европскиот самит на земјите членки на Европската Унија, се погласни станаа тврдењата дека постои француски план или иницијатива за надминување на бугарското вето и почеток на преговорите за Северна Македонија. Официјален Париз се уште не се има изјаснето и јавно кажано нешто за евентуалниот француски план, јавува дописникот на МИА.

Додека, како што се пренесува дека се чека на Софија и на другите престолнини од земјите членки на Европската Унија околу последниот предлог на Франција за  отворање на патот за евроинтеграциите на Западен Балкан, поточно подигањето на бугарското вето Париз дипломатски молчи.

Имено, ниту француското Министерство за надворешни работи, кон кое се обративме уште пред две недели со прашање на оваа тема, обновено денес, ниту Елисејската палата засега ниту потврдуваат, ниту одрекуваат дека постои некаков план или инцијатива.

Според изјави на македонски и бугарски политичари таков документ постои. Неговата содржина останува непозната за македонската јавност, освен она што ни се сервира од источната страна на границата.

Според она што го пренесоа дел од бугарските медиуми, „Француското претседателство е подготвено да ги вклучи барањата на Бугарија во преговарачката рамка за Северна Македонија и ЕУ да стане гарант за нивната имплементација“.

Така, францускиот предлог предвидува „укинување на ветото, а ЕУ да стане гарант дека Скопје ќе ги исполни условите на Софија.

Висок дипломат, сакаше да остане анонимен исто така не ни потврди дали постои таков предлог, но ни посочи дека „Париз интензивно се има ангажирано во изнаоѓање на решение и дека е во интерес на Франција и особено на претседателот Емануел Макрон да даде позитивен сигнал за регионот на Западен Балкан во контекстот на војната во Украина и ветувањата кои им беа дадени на Украина и Молдавија.

17.06.2022 - 16:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега