Папата прогласи 10 луѓе за светци

 

Папата Франциско денеска прогласи за светци десет луѓе блиски до Римокатоличката црква.

Меѓу нив се холандски свештеник, антинацист убиен во концентрациониот логор Дахау и француски монах пустиник убиен во Алжир во 1916 година.

Титус Брандсма, кој бил член на кармелитскиот верски ред и претседател на Католичкиот универзитет во Најмеген, почнал да зборува против нацистичката идеологија уште пред Втората светска војна и германската инвазија на Холандија во 1940 година, објави „Ројтерс“.

За време на нацистичката окупација, тој зборувал против антиеврејските закони и ги повикал холандските католички весници да не печатат нацистичка пропаганда.

Тој бил уапсен во 1942 година и задржан во холандски затвори пред да биде одведен во Дахау, во близина на Минхен, каде што бил подложен на биолошки експерименти и убиен со смртоносна инекција истата година на 61-годишна возраст.

Друг нов светец е Шарл де Фуко, француски благородник, војник, истражувач и географ од 19 век, кој станал свештеник и живеел како пустиник меѓу сиромашните Бербери во Северна Африка. Го објавил првиот туарег-француски речник и ги превел песните на туарезите на француски.

Де Фуко бил убиен за време на обид за киднапирање извршен од група напаѓачи во Алжир во 1916 година.

Папата (85) користеше инвалидска количка поради болки во колената и нозете, што го однесе до олтарот на почетокот на церемонијата на која присуствуваа повеќе од 50.000 луѓе на плоштадот Свети Петар.

Денешната церемонија беше еден од најголемите собири во Ватикан од олеснувањето на ограничувањата за ковид претходно оваа година.

Папата Франциско ги прочита прогласите за канонизација на 10 луѓе, седејќи пред олтарот.

15.05.2022 - 14:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега