Паолучи: Растот на економијата ќе се враќа како што ќе слабее пандемијата

Растот не економијата се очекува да се враќа како што ќе слабее пандемијата. Под претпоставка дека нема да има нови ограничувања на движењето и нема да има нови бранови на Ковид-19 во текот на претстојната зима, растот во 2021 година би требало да стане позитивен и да достигне ниво од 3,6 проценти.

Ова го наведува новиот директор на Канцеларијата на Светска банка во земјава Масимилиано Паолучи во интервју за МИА, кој додава дека краткорочните изгледи се позитивни, но со нагласени надолни ризици.

-Фазата на ограничување сѐ уште не е завршена, а подолгиот период на спроведување на политиките на социјално дистанцирање ќе влијае врз фирмите, приходите на домаќинствата и трошењата во здравство, истакнува Паолучи.

Тој порачува дека економските и социјалните мерки за надминување на кризата ќе треба да бидат главниот приоритет на властите. Сепак, смета, потребно е да се посвети соодветно внимание и на спроведувањето на фискални реформи, како и реформи за подобрување на конкурентноста, животната средина и управувањето со цел да се унапреди економското закрепнување и фискалната стабилност, истовремено забрзувајќи го процесот на пристапување кон ЕУ.

Оценува дека во сегашното затегнато фискално опкружување, Владата треба да ја разгледа можноста за приоретизирање на расходите со намалување на трошењата кои не се приоритет, фокусирање на поедноставни фискални мерки кои се добро таргетирани, транспарентно спроведени и временски определени. На овој начин, истакнува, ќе се обезбеди простор за поголеми капитални трошења во иднина, што треба да биде поддржано со подобрувања во постапките за управување со јавните инвестиции.

За финансирањето на потребите на државата, вели дека Владата беше проактивна и ги обезбеди потребите за финансирање за 2020 година. Меѓутоа, додава, кризата сѐ уште е далеку од завршена и има значителни потреби за финансирање за 2021 година, како за отплата на кредити и обврзници кои доспеваат, така и за можното продолжување на поддршката на економијата.

Во однос на банкарскиот сектор во интервјуто наведува дека за во иднина, домашниот финансиски сектор би требало да биде во позиција да го поддржи закрепнувањето бидејќи банкарскиот систем во земјата е стабилен, добро капитализиран и профитабилен.

Потенцира дека поддршката од Светска банка останува и понатаму. -Обезбедивме, вели,  финансирање и техничка помош за надминување на непосредните последици од пандемијата и остануваме посветени да работиме заедно со властите, со приватниот сектор, со граѓаните во Северна Македонија и со други развојни партнери за да помагаме на земјата во справувањето со пандемијата и во спроведувањето на плановите за закрепнување.

Во интервјуто директорот на Канцеларијата на Светска банка се осврнува и на најавите за можноста за откуп на пензискиот стаж, како и за состојбата во образованието.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

14.10.2020 - 08:08

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега