Безбедносен инцидент се случил за време на летот TK1853 на Turkish Airlines, управуван со авион Airbus A321, додека леталото се приближувало кон аеродромот Ел Прат во Барселона. Според официјални информации, еден од патниците активирал интернет hotspot на својот мобилен телефон и му дал име што содржело заканувачка порака поврзана со експлозивна направа.

Поради сомнежот за можна закана, безбедносните служби веднаш реагирале, а авионот по слетувањето бил изолиран на посебна позиција на пистата.

Сите патници и членови на екипажот биле итно евакуирани од леталото, додека шпанските специјални безбедносни единици го опколиле авионот и започнале детална проверка на авионот и багажот.

По темелна инспекција, надлежните служби потврдиле дека не е пронајдена никаква експлозивна направа и дека не постои реална закана.

Од Turkish Airlines соопштија дека инцидентот е целосно безбедносно расчистен, но дека е покрената истрага за да се идентификува одговорниот патник и да се преземат соодветни правни мерки.

„Сите безбедносни протоколи беа спроведени и не се утврдени никакви неправилности. Повратниот лет ќе биде реализиран веднаш штом патниците повторно се укрцаат“, изјави портпарол на авиокомпанијата.

Wi-Fi hotspot функцијата на мобилните телефони овозможува уредот да се користи како безжичен рутер, при што корисникот сам го избира името на мрежата. Токму ваков несоодветен и неодговорен назив предизвикал целосна безбедносна тревога на аеродромот.

Засега не е објавено како точно се викала спорната мрежа, но случајот повторно отвори прашања за можната злоупотреба на технологијата и строгите авио-безбедносни правила.

Exit mobile version