Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, истакна дека еден осуденик месечно ја чини државата околу 1.000 евра. Ова беше нагласено пред работниот состанок на тема „Пробација и условен отпуст“, кој се одржа вчера во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје.

Во моментов, во системот се под пробациски мерки над 900 лица, а како што рече Пандов, системот има капацитет да опфати многу повеќе.

„Пробацијата во Македонија постои веќе шест години, но се користи недоволно. Има многу поголем капацитет, а условните отпусти треба да се користат почесто и подолг период. Бројките покажуваат дека низ македонските судови има 430 осудени лица со А третман и околу 330-340 со Б2 третман. Не велам дека сите, но најголем дел од овие осудени лица може да бидат на условен отпуст, секако по препорака од секторот за ресоцијализација во затворите и од директорите на македонските затвори“, рече Пандов.

Тој го нагласи и економскиот аспект на проблемот, објаснувајќи дека еден осуденик месечно ја оптоварува државата со околу 1.000 евра, вклучувајќи ги храната, сместувањето и човечките ресурси за надзор и ресоцијализација.

Пандов истакна дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се следат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства.

Тој додаде дека постојат над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките од страна на осудените лица.

Exit mobile version