Пандемијата затвори бизниси во Тетово, градоначалничката се надева на помош од новата Влада

Пандемијата со Ковид-19 е причина за затворање на бизниси поврзани со услуги во Тетово, оцени градоначалничката Теута Арифи. Таа се надева дека ситуацијата ќе се промени кога ќе се формира новата Влада со воведување на мерки за помош на стопанството.

– Последиците од пандемијата во економијата во градот се огромни. Фактичката состојба ја покажуваат сите бројки. Тетово е град на средни и мали бизниси, додека поголемите имаат други структури на постоење и не се поврзани со услугите, додека помалите бизниси се поврзани со услугите за кои во моментот нема побарувачка. Ги немаме нашите сограѓани од странство за да побараат тие услуги. Очекуваме дека еден од приоритетите на новата Влада ќе биде справување со економските последици на оваа криза која не е завршена, која се очекува да продолжи и во текот на годината. Се надевам дека заеднички ќе најдеме краткорочни и долгорочни мерки за да може економијата да не биде најголема жртва поради пандемијата, изјави Теута Арифи по денешниот состанок на Кризниот штаб.

На новинарско прашање дали и како ќе се постапува по примерите на луѓе кои прават свадби во дворови, таа побара граѓаните да бидат претпазливи.

– Инспекциите на централно и локално ниво претежно следат правни субјекти, кои треба да се придржуваат до протоколите и да не дозволуваат присуство на повеќе од 50 лица и со одржување на дистанца. Ние апсолутно ќе продолжиме со контрола на правните субјекти кои имаат обврски да се придржуваат до протоколите. Сакам да апелирам до сите што имаат семејни собирања да бидат претпазливи, да се одржи принципот на дистанца и да за се запази здравјето на сите. МВР има можност да следи нарушување на јавен ред и мир. Доколку има пријави од таков тип тие ќе интервенираат. Во текот на викендот немало такви примери, рече Арифи.

Кризниот штаб при општина Тетово денеска бележи шест нови лица кои се заболени од Ковид-19 додека излечени има 11. Според податоците кои ги соопшти тетовската градоначалничка сега веќе дијагностицирани лица во тетовското подрајче има 998, излечени 649, додека 71 починале со што активни случаи во шестте општини има 278.

– Бележиме тендеција на опаѓање во однос на новодијагностицирани. Подолг период не сме имале двоцифрен број на заболени. Информациите велат дека во болница имаме 13 лица кои се третираат, но сите тие се со стабилна состојба и лесна клиничка слика. Сметам дека и граѓаните придонесуваат за намалување на бројките со почитување на мерките, истакна Арифи. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

27.07.2020 - 15:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа