Неправосилно осудениот Љупчо Палевски и тројцата соучесници во грабнувањата и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годиниот Панче Жежовски од Велес, поднесоа жалби против доживотните затворски казни, пренесува СДК.мк.

Според информациите на порталот, тие од Апелациониот суд Скопје не бараат ослободителни пресуди, туку укинување на првостепената пресуда и враќање на постапката отпочеток, во Кривичниот суд Скопје.

Судија-известител од Скопска апелација за овој предмет е Ѓоко Ристов. Судијата вели дека не знае детали од поднесените жалби, бидејќи како стигнал предметот минатата недела, така веднаш бил комплет пратен во Вишото јавно обвинителество (ВЈО) Скопје на мислење.

За кривичните дела грабнување и две свирепи убиства, судијата Ивица Стефановски на сите четворица обвинети на чело со Љупчо Палевски им одреди по 10 години за грабнување на Ѓорчевска и на Жежовски, а за свирепите убиства доживотен затвор за сите.

Покрај Палевски, првостепено на доживотен затвор се осудени и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, е ослободен од обвинението, за што Обвинителството поднесе жалба до Апелација. 

Exit mobile version