Главниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, денеска потврди дека се води предистражна постапка против лица вработени во Управата за јавни приходи (УЈП), при што се приведени околу десетина лица.
Акцијата се спроведува од вчера, а во моментов се вршат претреси на опфатените лица.
Коцевски нагласи дека постапката е поврзана со предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Првичните сознанија укажуваат на кривичните дела злоупотреба на службена положба и овластување, како и примање и давање мито.
Дел од електронските комуникации и пораки кои беа презентирани во јавноста во врска со случајот „Пулс“ се опфатени и во оваа нова постапка.
„Ова е постапка во врска со предметот за Кочани,“ рече Коцевски.
Обвинителот додаде дека предметот ќе го води Обвинителството во Кочани, бидејќи таму е подрачјето на извршување на кривичното дело, но нагласи дека не може да се спои со судењето за пожарот, бидејќи се работи за други кривични дела (злоупотреба и поткуп) кои немаат директна врска со штетната последица (смртните случаи).

