Жупанискиот суд во Бихаќ го осуди на 42 години затвор Мехмед Вукалиќ (62), поранешен домар во гимназијата во Сански Мост, за убиството на тројца негови колеги минатата година.

Вукалиќ е прогласен за виновен за убиството на директорот на гимназијата Нијаз Халиловиќ, секретарката Нисвета Кљуниќ и професорката по англиски јазик Гордана Миџан.

За секое од трите убиства тој е осуден на по 14 години затвор. Дополнителна една година му е изречена за незаконско поседување оружје, по што казните се споени во единствена казна од 42 години.

Злосторството се случи во август 2024 година, кога Вукалиќ дошол во училиштето вооружен со автоматско оружје.

Според пресудата, тој се упатил на првиот кат, прво во канцеларијата на директорот Халиловиќ во кого испукал пет куршуми. Потоа отишол кај секретарката Кљуниќ која ја усмртил со четири куршуми. На крај, налетал на професорката Миџан и истрелал пет куршуми кон неа, усмртувајќи ја на место.

Потоа се обидел да изврши самоубиство, но повредите што си ги нанесол биле санирани во болница.

Одбраната во текот на процесот тврдеше дека Вукалиќ бил систематски дискриминиран на работното место. Судот заклучил дека Вукалиќ ги извршил убиствата во состојба на намалена пресметливост, што било предизвикано од тврдењата за дискриминација.

На завршното рочиште, тој изразил каење за убиствата.

„Се каам за тоа што го направив, ми е жал“, изјавил Вукалиќ во завршниот збор.

Тој има право на жалба на пресудата до Врховниот суд на Федерацијата БиХ.

Exit mobile version