Основниот суд во Штип му изрече казна затвор од 17 години на Кадир Кара, турски државјанин кој призна дека го убил својот сонародник во кафуле на градскиот плоштад. Покрај затворската казна, на Кара му е одредена и мерка протерување од државата, која ќе се изврши откако ќе ја одлежи казната во македонски затвор.
Како што информираше портпаролот на судот, Сашко Георгиев, пресудата следува по признанието на вина за кривичните дела „убиство“ и „неовластено држење на оружје“.
Инцидентот се случи на 8 мај минатата година, кога на плоштадот „Слобода“ беше усмртен турски државјанин. Убиецот се обиде да побегне кон Скопје со помош на неколку лица, но полицијата го пресретна на наплатната рампа на автопатот „Гоце Делчев“.

