Сергеј Караганов, влијателен сојузник и поранешен советник на рускиот претседател Владимир Путин, предупреди дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје доколку се соочи со евентуален пораз во војната со Украина. Во интервју за американскиот водител Такер Карлсон, тој истакна дека европските лидери се во „илузија“ кога зборуваат за пораз на Москва.
„Што е поразот на Русија? Ако Русија некогаш се доближи до пораз, тоа би значело дека Русија потоа би употребила нуклеарно оружје, а Европа би била физички уништена“, изјави Караганов.
Тој ја критикуваше руската влада дека е „премногу трпелива“ со европските држави и најави дека тие ќе мора да бидат казнети доколку продолжат со поддршката за Киев.
„Порано или подоцна, ако продолжат да ја поддржуваат оваа војна, жртвувајќи бројни Украинци и други, ќе мора строго да ги казниме. Се надеваме во ограничена смисла“, додаде тој.
Според Караганов, Западот ја изгубил претставата за тоа колку војната е ужасна. „Тие веруваат дека војната никогаш нема да дојде на нивна територија. Сега една од задачите на Русија е да ги освести, се надеваме без употреба на нуклеарно оружје“, заклучи рускиот аналитичар.

