Точно во 7 часот утрово започна гласањето во вториот круг од осмите локални избори од осамостојувањето на државата. Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК), сите избирачки места низ земјата се отворени и гласањето се одвива непречено.

Граѓаните денеска го остваруваат своето избирачко право на 1771 избирачко место, избирајќи градоначалници во 32 општини и во Градот Скопје. Право на глас имаат 1.013.375 гласачи, од кои 474.304 во Скопје.

Во текот на вчерашниот ден, како и вообичаено, гласаа затворениците, лицата во домашен притвор, болните и немоќните, како и штитениците во старските домови.

Од ДИК најавија дека првите информации за текот на гласањето и излезноста ќе бидат објавени на прес-конференција во 09:30 часот.

Exit mobile version