Нова фабрика за производство на опрема за спортови на вода и ветер, во сопственост на компанијата „Брејнчајлд“, денеска официјално беше пуштена во работа во индустриската зона Жабени во Битола. Станува збор за приватна инвестиција во вкупна вредност од околу 11 милиони евра, каде веќе се обезбедени нови вработувања за околу 230 лица.

На свеченото пуштање во работа присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека процесот за реализација на овој капацитет започнал на самиот почеток од мандатот на владата. Тој упати благодарност до градоначалникот Тони Коњановски, општинската администрација и пратениците за брзата реакција во менаџирањето на проектот.

„Нас како Влада ни претставуваше особена чест и задоволство да можеме да поддржиме една ваква инвестиција каде што веќе околу 230 луѓе се вработени, инвестиција во вкупна вредност од околу 11 милиони евра и на тој начин да продолжиме да поддржуваме инвестиции коишто ќе бидат додадена вредност во македонската економија“, изјави премиерот Мицкоски.

Тој додаде дека сопственикот на објектот му пренел оти „полека се вљубува во Битола и во нашата земја“, потенцирајќи дека битолчани историски се познати како добри домаќини.

Премиерот најави засилено темпо на економски активности во овој регион и во следниот период. Според него, во тек се преговори со уште најмалку двајца потенцијални инвеститори кои изразиле сериозен интерес за изградба на нови капацитети во Битола.

Exit mobile version