Најмалку десет вработени во ФБИ, кои беа дел од тимот на поранешниот специјален советник Џек Смит во истрагата за досиејата на Доналд Трамп, се отпуштени од работа. Според извештаите на CBS News, станува збор за агенти и аналитичари кои го истражуваа начинот на кој Трамп ракувал со класифицирани документи по напуштањето на Белата куќа.
Одлуката за отпуштање доаѓа по контроверзите поврзани со следењето на телефонските записи на сегашниот директор на ФБИ, Кеш Пател, и шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс, во период кога тие биле приватни лица.
Пател тврди дека ФБИ ги прибавило неговите податоци „под несигурни изговори, криејќи го целиот процес во тајни досиеја за да избегне каков било надзор“. Тој се соочува со критики дека ги таргетира вработените кои воделе легитимни истраги, иако при сослушувањето вети дека нема да ја политизира агенцијата.
Здружението на агенти на ФБИ остро реагираше на ваквиот потег. „Овие потези ја ослабуваат Агенцијата со губење на клучни експерти и ја дестабилизираат работната сила, што на крајот ја става нацијата во поголем ризик“, велат од Здружението.
Истрагите на Џек Смит беа основа за првите федерални обвиненија против поранешен американски претседател. Иако случаите беа отфрлени во 2024 година и по победата на Трамп, Смит изјави дека верува оти двата случаи, доколку продолжија, „веројатно ќе резултираа со пресуди“.


