Откриена причината за пожарот во катедралата Нотр Дам

Иследниците веруваат дека електричен краток спој најверојатно го предизвикал пожарот што делумно ја уништи катедралата Нотр Дам во Париз, соопшти француски функционер. Ни првичната истрага, исто така, не откри докази за злосторство.

Во изјавата за Асошиејтед прес, официјалниот претставник на судската полиција објави дека иследниците сè уште не се во можност да пребаруваат низ урнатините во катедралата, од безбедносни причини.

Разорниот пожар во понеделникот ја опустоши вековната зграда, ја оштети внатрешноста на катедралата, целосно уништувајќи ги шпицестата кула и големи делови од покривот.

Прелиминарната истрага на местото на настанот во вторникот не откри никакви непосредни знаци на подметнување пожар, соопшти градскиот јавен обвинител. Повеќе од 50 луѓе сè уште вршат истрага за пожарот, кој избувна додека историската катедрала се реконструираше.

Францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе ја обнови Нотр Дам во рок од пет години и дека ќе ја направи „уште поубава од порано“. Донациите за реконструкцијата на црквата се слеваат и од приватниот сектор. Францускиот бизнисмен Франсоа-Анри Пино вети 100 милиони евра, а колегата милијардер Бернар Арно понуди 200 милиони евра за реставрацијата.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

18.04.2019 - 19:51

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега